Аргентинскиот напаѓач Папу Гомез се врати во Серија А, но сега во дресот на Монца. Тој доаѓа како слободен играч откако летоска го раскина договорот со Севиља. Монца потврди дека со Гомез потпишале договор до крајот на сезоната.
„Одбив неколку понуди од странство затоа што чекав понуда од Италија. Таму се чувствувам како дома и тоа ми беше важно. Среќен сум што се вратив во Серија А. За мене италијанскиот шампионат е меѓу најдобрите три во светот“, изјави Гомез.
Тој помина девет и пол години во Аталанта, а сега ќе работи во Монца која е блиску до Бергамо.
„Ова е добар избор затоа што децата ќе се вратат во училиштето во кое учеа претходно. Исто така заслуга за овој трансфер има и Галијани. Се познаваме одамна. Пред неколку години доручкувавме во Ибица. Тогаш му ветив дека еден ден ќе играм за Монца. Дојде тој ден“, порача Аргентинецот.