Дипломатската тензија доведе до откажување на денешниот натпревар меѓу Сепахан и Ал-Итихад во Азиската Лига на шампиони. Ал-Итихад со Бензема, Фабињо и Канте, требаше да игра со ирански Сепахан во Исфахан, Иран, но саудискиот тим одбил да излезе на тревникот на стадионот „Нагш-е Џахан“ поради присуството на бистата на генералот Касем Сулејмани, контроверзниот ирански лидер, кој почина во 2020 година.
Касем Сулејмани е ирански воен водач, генерал-полковник и командант на Силите Ал Кудс на Корпусот на Исламската револуционерна гарда. Тој обезбеди воена поддршка на Хамас и Хезболах, а исто така и помагаше на владата на Башар ал Асад за време на граѓанската војна во Сирија. САД го прогласија Сулејмани за терорист во 2011 година, обвинувајќи го за заговор за атентат на саудискиот амбасадор во Вашингтон.
Натпреварот требаше да започне во 18 часот , но засега нема официјална информација како ќе заврши овој проблем. Азиската фудбалска конфедерација (АФЦ) го потврди откажувањето на мечот и рече дека работата е во рацете на надлежните органи.