Шпанскиот весник „Ел Паис“ денеска објави поширока информација дека УЕФА во соработка со најголемите вропски клубови, сепак, подготвува план за формирање на Суперлига! Откако УЕФА триумфално објави дека ја уништила идејата за создавање на европска Суперлига, некои стручњаци, веднаш јасно и гласно објавија дека европската куќа на фудбалот планира да формира своја Суперлига, натпреварување под нејзино покровителство. Од свои инсајдери во Нион, весникот тврди дека тоа ќе се случи за само четири години.
„Револуцијата на УЕФА и ЕКА е во тек: Европската фудбалска федерација со најмоќните клубови работи на нова голема револуција, со формирање еден вид на европска Суперлига со три квалитативни групи, со многу повеќе предизвици и можност за преместување на натпреварите и за викендите“, пишува „Ел Паис“.
Поради нападот на Суперлигата веќе е променет форматот на Лигата на шампионите, со цел да им се излезе во пресрет на најбогатите, кои се уште го чекаат мислењето на Судот на ЕУ за монополот на УЕФА. Луѓето од Нион сега сакаат да го спречат сето ова, па затоа, во соработка со Европската асоцијација на клубови (ЕКА), започнале развој на сопствен проект.
Ако му се верува на „Ел Паис“, УЕФА презела иницијатива да биде организатор на едно ваќво моќно натпреварување на најдобрите кое би почнало најрано во 2027 година. Тогаш треба да се заокружи тригодишниот циклус што почнува следната година. Новинарите на шпанскиот весник засега не навлегуваат во детали, освен дека тврдат дека ќе има три квалитативни групи со вкупно 54 клуба (моментално има 92 во сите три европски купови). Најсилната лига ќе ја сочинуваат 18-те најголеми и најбогати и ќе се натпреваруваат под името Суперлига. Втората лига по квалитет исто така ќе брои 18 клуба, исто како и третата квалитативна лига. Суперлигата на УЕФА ќе биде класично лигашко натпреварување (дома-гости) и ќе содржи дури 34 кола во секое натпреварување?! Оттука и стравот дека некои средби ќе мора да се префрлаат за време на викендите, но засега нема официјално никаква информација. „Ел Паис“ наведува дека УЕФА планира да ја задржи практиката на влез и испаѓање од лига во лига, само за да ги почитува гореспоменатите основни принципи на европскиот спортски модел.