Коментар на 9.коло: Сите мислевме дека Брегалница лесно ќе победи, ама….Вардар си “лапна“ бод!

688

 

Пишува: Зоран Ѓоршоски

 Колку е важна таа традиција, само тие што се разбираат во фудбал и што го разбираат овој спорт, тоа го знаат. Замислете, Брегалница досега во историјата само двапати го победила Вардар, и тоа како гостин, од кој еднаш во купот. Ова важи за последните две децении, но никогаш, ама баш никогаш не славела во Штип против Вардар.

Така бидна и вчера. Сите кои сме вака или онака врзани за мак – фудбалот, мислевме дека Брегалница со оглед на квалитетот, со оглед на најавите, со оглед на тоа во моментов кој е кој во ПМФЛ, дека лесно ќе го победи Вардар.

И пак не победи, и пак “сините“ не го израдува фудбалски Штип со домашна победа над најтрофејниот кој веќе подолго време се тетерави како “грогиран“ боксер во рингот.

Сите мислевме…ама Вардар си “лапна“ бод. На крајот средбата заврши 0:0. Некој ќе каже дека Брегалница е оштетена, голот на Велковски не бил офсајд, некој ќе каже дека и Вардар имал шанси за победа, како секој кога ќе сака да го гледа само својот двор.

Сепак, факт е дека Вардар освои бод, одолеа на четата на Горан Здравков и ете уште еднаш ги растажи сите оние на кои сината боја на Брегалница им е омилена.

Затоа фудбалот е супер интересен. Некогаш и големите фаорити не победуваат, како во случајот вчера под Исарот.

А што значи овој бод за Вардар? За тоа треба дополнителна анализа.

Супер дербито на Чаир е анализирано, детализирано, факт е дека Шкупи беше подобар од Струга ТЛ и затоа и победи.

Гостивар или “македонскиот Челзи“ за малку, за влакно што се вели, не ја победи Шкендија. Интересно, Гостивар одигра веројатно најдобро оваа есен, па редно е и тие скапо платени играчи да покажат што знаат. Шкендија се “тресеше“се до самиот финиш кога Цаке ја спаси од пораз. Допрва Гостивар ќе прави проблеми.

Работнички го “закочи“ Тиквеш. Тука се очекуваше можеби и “двојка“, но јасно е дека тренерот Илиевски има на располагање одличен тим, барем по имиња, и не знаеш кога на тој одличен тим ќе му текне да одигра на своето ниво.

Топло – студено, топло – студено е стилот на клубот од Градски парк веќе неколку години…

За жал.

ПретходноТрет гол на Мишов во грузискиот шампионат
СледноБоби Митев тргна победнички во Скопје, следна „мета“ е Работнички