Кошаркарите на Работнички го претрпеа и вториот пораз во рамките на квалификациите во ФИБА Еврокупот. На денешниот меч од 2. коло екипата на Сабах Баку предводена од нашиот стручњак Боби Митев славеше над Работнички со 83:81 во меч од 2. коло во групата „А“, каде претходно Рапид (Б) со 69:65 славеше над Гронинген и ја оствари исто така втората победа.
Работнички одлично го отвори мечот и имаше извонредна прва четвртина во која направи разлика од 10 поени (25:15). Овој вовед како да даде позитивни сигнали за играта на тимот на Мираковски, кој успеа да ја задржи предноста и во вториот период и на пауза замина со високи плус 10 за 37:47.
Но во влезот во вториот дел Работнички падна во играта, одржуваше минимална предност се до вториот дел на третата четвртина, кога Сабах успеа да влезе во предност и потоа да диктира темпо кое до крајот ги донесе во одлична позиција. Работнички се врати во серија во последните две минути, дојде на минус два, но не успеа да израмни.
Александер Трајс со 29 поени беше одличен во тимот на Работнички, а добра партија имаа и Де Коузи и Ѓелетовиќ кои завршија со по 19 поени. Кај Сабах доминираше Девенпорт со 25 поени.
Со по две победи, Сабах и Рапид (Б) в четврток меѓусебе ќе одлучуваат за првото место во групата. Работнички и Гронинген ќе се борат за третото место.