Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) во соработка со УЕФА, а на покана на претседателот на судиската комисија во рамки на ФФМ, Димитар Мечкаровски, организираше еднодневна судиска работилница и тренинг камп.
Вкупно 52 наши судии беа дел од семинарот и имаа исклучителна можност да го следат предавањето на влијателниот член на судиската организација на УЕФА и поранешен судија, Бјорн Кујперс, како и тренинг експертот за елитни фудбалски судии во УЕФА, професорот Вернер Хелсен.
Важниот настан за судиите во Македонија со поздравен говор го отвори генералната серетарка на Фудбалската федерација на Македонија, Наталиа Илиевска Божиновска.
– Среќни сме за укажаната можност заедно со судиската организација на ФФМ да ја организираме оваа работилница. Убедена сум дека претставува одлична прилика вашите знаења да ги проширите преку предвидениот теоретски и практичен дел. Уште повеќе што имате неповторлива можност да побарате стручно мислење од имиња кои оставиле траен белег во европскиот фудбал. Верувам дека тоа ќе биде од корист за сите нас.
– За нас е важен и фактот што УЕФА дава безусловна поддршка на Фудбалската федерација на Македонија, а тоа придонесува и за континуиран напредок на нашите судии. Имаме федерација која секојдневно се грижи за развој на македонскиот фудбал и се стреми кон нови успеси. Меѓутоа, исто така знаеме дека тоа нема да го постигнеме без посветен пристап на секој поединец вклучен во работата на Куќата на фудбалот, вклучително и фудбалските судии како нераскинлив дел од фудбалската игра. Успехот на нашите судии во домашни и меѓународни рамки претставува гордост на Федерацијата. Од мое и од име на претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини благодарност за вашиот придонес и за професионалниот пристап.
На судиски семинар што се одржи во х. „Хилтон“, нашите судии детално ги елаборираа правилата на фудбалската игра, начинот на судење и подобрување на носењето одлуки во спорни моменти од натпреварите.
На овој семинар, свое теоретско предавање во врска со физичките норми кои треба да ги исполнуваат судииите одржа и главниот кондициски тренер и тренинг експерт на УЕФА, Вернер Хелсен.
Исто така беше одржан и тренинг камп на кој беа претставени најновите методи и технологии за тренинг. На тренинг кампот беше ставен и акцент на правилното носење на судиски одлуки, гледајќи ситуации преку ВАР системот.
Димитар Мечкаровски, претседател на судиската комисија на ФФМ
– За нашите судии овој семинар е од голема важност и претставува одлична можност подобро да се запознаеме со светска судиска величина како што е Бјорн Кујперс. Знаењето што ќе го споделува Бјорн Кујперс е од голема важност за нашите судии, за подобрување на нивната кариера и стекнување на поголемо знаење и самодоверба.
– Од име на Судиската организација сакам да се заблагодарам на претседателот и Управниот одбор на ФФМ што направија големи напори за да успееме да го организираме овој семинар, овозможувајќи им на судиите да научат многу од споделеното искуство на големо судиско име. Нашата соработка со Бјорн е одлична и од голема важност е што имаме прилика да биде наш предавач и во иднина.
– За нас е важно да напоменеме дека судиската организација на ФФМ минатата сезона имаше значајно успешна година. На нашите семинарии учество и предавања имаа многу влијателни луѓе како Вернер Хелсен, главниот фитнес тренер на судиите, Дагмар Дамкова, главна на женските судии и член на судиската организација на УЕФА и Педро Галан, главен и одговорен за футсал судиите на УЕФА.
– Ќе продолжиме на тој начин, со многу вложување и напорна работа се со цел да обезбедиме и да донесеме што е можно повеќе звучни имиња, кои се дел од судискиот одбор на УЕФА.
– Генерално судењето во Македонија бележи напредок, но секогаш може подобро. Посветеноста, одлучноста, желбата за напредок е очигледна кај нашите судии. Како претседател на судиската комисија можам да кажам дека ги имаме едни од најдобрите судии во Европа со исклучок на поголемите земји како Италија, Германија, Шпанија. Судиите во Македонија работат по европски терк. Тренизните што ги добиваат од фитнес тренерот Сашо Даневски, кој воедно е еден од соработниците на Вернер, се истите со кои се подготвуваат европските судии. Поради овој начин на тренинг и работа се бележи огромен напредок на нашите судии во поглед на физичката подготвеност. Исто така и работилниците што ги организираме за правилата на фудбалската игра се во тесна соработка и координација со Уефа семинарите.