Македонскиот одбојкарски шампион Струмица засилено се подготвува за настапот во квалификациската рунда од ЦЕВ Лигата на шампионите. Струмичани деновиве интензивно тренираат очекувајќи го последното засилување на центарската позиција за да го комплетираат ростерот со кој ќе заминат на квалификацискиот турнир во Бургас од 27 до 29 октомври.
„Работиме засилено веќе подолг период. Следната недела треба да ги имаме и првите контроли со екипата на Дубочица од Лесковац овде кај нас во Струмица, а пред заминувањето за Бургас планираме да одиграме уште неколку силни контролни дуели со екипи од Бугарија. Во овој момент најважно е да се комплетираме. Подолго време работиме на еден трансфер на играч на позицијата среден блокер кој треба да дојде од Сенегал, но некако работите се одолговлекоа, па сега останува да видиме дали навреме ќе успееме да ја завршиме документацијата за да го имаме со нас на турнирот во Бургас“, вели претседателот и капитен на тимот, Владо Милев.
Струмица втора година по ред ќе биде наш преставник во најсилното клупско натпреварување. Оваа година струмичани се во група со Хефтохимик (Буг), Будва (Цгр) и Фино Капошвар (Унг).