Турнирот на медиумите и оваа година со интернационален карактер

70

Денеска и утре на теренот на СЦ „Марко Божиновски“ во Ново Лисиче ќе се одржи 31-то издание на традиционалниот турнир во мал фудбал на медиумите во организација на Спортско радио 90,3 ФМ.

Турнирот кој во самиот старт беше замислен како несекојдневна можност за дружба и спортување на новинарите и вработените во радио и телевизиските куќи од Македонија, во последните години еволуира во настан од регионален карактер, со учество на дел од комбинирани новинарско-спортски селекции кои во Скопје доаѓаат од Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина.

И оваа година, новото издание на турнирот ќе понуди два дена интересни натпревари. Денеска од 15 до 19 часот присутните на трибините ќе имаат можност да ги погледнат натпреварите на турнирот на медиумите од Македонија, како и неколку интересни ревијални средби на кои по обичај шанса добиваат најмладите.

Утре (четврток) на вториот ден на турнирот следува главната програма со гостување на селекции составени од познати јавни личности, новинари и поранешни спортски ѕвезди од Хрватска, Србија, БиХ и Македонија. Од 16 до 19.30 часот ќе бидат на програмата дуелите меѓу репрезентациите, кои освен на фудбалскиот терен, оваа година премиерно, ќе ги покажат своите вештини и во неколку други спортски дисциплини и игри, како текбол, кошарка, влечење јаже и уште многу други.

Меѓу учесниците на овој настан ќе бидат присутни пејачката на групата Магазин, Андреа Шушњара, синот на Аки Ракимовски, Кристијан, ќерката на Мишо Ковач, Ивана Ковач, фронтменот на групата Учитељице, Андреа Пашкван, Амир Казиќ, Марјан Коцев, актерите Милан Калиниќ и Никола Ристановски, фудбалските легенди Миливој Брачун, Драгутин Вабец, Кочо Димитровски, Саша Чириќ, Коки Аврамовски, Дарко Панчев, новинари и познати лица како Миланка Рашиќ, Вера Мештеровиќ и многу други кои ќе играат фудбал и ќе се забавуваат.

Оттука ќе се обидеме оваа традиција на одржување на овој собир на медиумите во иднина треба да прерасне во една медиумска спортска олимпијада со повеќе спортови и спортски дисциплини.

Влезот е слободен, па ги покануваме сите оние кои сакаат дружба и релаксација да бидат заедно со нас на отворениот терен од СЦ „Марко Божиновски“ во Ново Лисиче.

ПретходноСтрумица ќе „тестира“ со Дубочица пред заминување на турнирот од ЛШ во Бургас
СледноВан Гал се врати во Ајакс за да го извади од кризата