Актуелниот светски шампион Макс Верстапен ја освои пол-позицијата и пред трката за ГН на Катар. Холанѓанецот дојде до 30-та пол-позиција во кариерата, 10-та оваа сезона. Со ова лидерот во генералниот пласман уште повеќе се доближи до главната цел за овој викенд, а тоа е освојувањето на три бода кои ќе му ја гарантираат титулата кај возачите.
Првата шанса ќе биде саботната спринт-трка. До Верстапен во првиот стартен ред во недела ќе биде Џорџ Расел од Мерцедес, а вториот ред го сочинуваат Луис Хамилтон во Мерцедес и Фернандо Алонсо во Астон Мартин.
Квалификациите за спринт трката се закажани за в сабота од 15 часот, додека трката е од 19:25 часот.