Во пресрет на дербито меѓу Вардар и Шкендија во новото 10. коло од Првата македонска фудбалска лига, денеска на прес-конференција тренерот и капитенот на Вардар ги искажаа своите очекувања од утрешната пресметка.
„Мечот со Шкендија е големо дерби во македонскиот фудбал, особено ако се присетиме пред 3-4 години кога и двата тима беа во битка за титулата. Сега е поинаку, Вардар е последен на табелата и играме против првопласираниот тим на табелата. Ќе биде тежок меч за нас. Меѓутоа, оваа сезона играме променливо, ако го земеме последниот натпревар со Брегалница каде освоивме еден бод, а можевме и три, тоа покажува дека трендот на екипата е во нагорна линија. И на овој натпревар ќе имаме што да покажеме и ќе настојуваме да победиме, затоа што тоа е стилот за Вардар на секој меч. Освен Николовски кој има жолти картони, сите други се на располагање. Очекувам од секој поединец максимална ангажираност и да се обидеме да победиме на овој тежок натпревар“, изјави предводникот на „црвено-црните“, Александар Васоски пред новинарите.
За очекувањата од мечот зборуваше и капитенот Дарко Мицевски.
„Да се играше во некои други времиња, утре ќе се одлучуваше кој ќе биде есенски шампион. Но за жал реалноста е друга. Моментално ние сме во зоната за испаѓање и се бориме да излеземе од неа. Ќе биде интересен натпревар. Утре нема да победи поквалитетниот, туку тој кој ќе има повеќе желба и ќе покаже карактер на теренот. Јас верувам во себе и во своите соиграчи дека утре на натпреварот ќе бидеме на потребното ниво за клуб каков што е Вардар и ќе додадам само дека утре играме на домашен терен и мора да атакуваме на трите бода, без разлика кој е фаворит на хартија“.