За разлика од Европа, Работнички во домашниот шампионат добро се снаоѓа. Најтрофејниот кошаркарски колектив успеа да се собере од трите порази во квалификациите за ФИБА Европа и да ја освои Битола. „Црвено-белите“ го добија дербито на колото совладувајќи го Пелистер со 89-92 за втор триумф. На другата страна и по тренерската смена, повлекувањето на Марјан Илиевски и назначувањето на Дарко Радуловиќ не донесе промени, битолчани го запишаа вториот пораз.
Tрис со 20 поени беше прв стрелец, Рикиќ даде 18 поени, додека Стајиќ против екс-тимот запиша дабл-дабл од 10 поени и 10 асистенции. Кај Пелистер, Бернард даде 27 поени со 10 скока, пред Костоски со 16 поени.
Битолчани беа подобри во првата четвртина во која на двапати имаа позитива од седум коша (25-18 и 28-21). Работнички притискаше во следниот период, од некаде на средина почна резултатската нишалка. Со серија од 9-2, избраниците на Димитар Мираковски направија целосен пресврт, на одморот заминаа со позитива од 46-51.
Сликата целосно се промени во следниот период, со нова серија, овој пат од 9-0, Работнички дојде на двоцифрени 50-60. Сепак ова не беше доволна причина за да застанат битолчани, се вратија на 57-60 и повторно застанаа. Гостите на стартот на последната четвртина имаа ветувачки 64-78. Костоски, Бернард и Стојановски ја вратија неизвесноста, на нешто повеќе од две минути намалија на 84-89. По едното реализирано слободно фрлање на Џелетовиќ, Маслинко и Бернард доближија на 89-90. Декоси со две слободни фрлања зголеми на 89-92, на другата страна Пелистер немаше време за нешто повеќе.