Денеска и официјално стартува новата сезона во Првата женска лига. Осум екипи ќе се борат за трофејот, кој го брани тимот на Баскет Кам 2011.
Тимот од Македонска Каменица повторно е број еден фаворит. Предводен е од новиот шеф на стручниот штаб, Жаклина Стојановска, а составен од неколку репрезентативни имиња, како Цветанка Димова, Сања Адамовска, Катерина Поп Димитровска, Елена Тасевска, дополнително засилен со Ивана Кметовска. Во првото коло Баскет Кам ќе се сретне со Струга.
На второто место во овој поредок е Вардар. Тренерот Александар Ашаданов го има двоецот од Бадел 1862, Марија Димитријевиќ и Кетлин Матие.
Но „во игра“ за водечките позиции дефинитивно е и новокомпонираниот Куманово Гризли. „Спој“ на два клуба во еден во кој се додадени и три странски имиња како Снежана Алексиќ, Џејмн Џонсон и Камб Џане.
Не смее да „се заборави“ на екипата на Бадел 1862, макар што и во оваа сезона, во нашиот најтрофеен женски колектив одново ќе се потпрат на млади и талентирани јуниорки, а меѓу нив, најискусна ќе биде Теа Митрева, која играњето во МЗТ Скопје го замени да биде дел од „баделки“.
Освојувачот на куп-пехарот, МЗТ Скопје Аеродром повторно почнува со уште помлад ростер, во кој како носители се поставени Марија Митева и Сара Петровска. Засилен со странски кошаркарки, како Кристел Томас, кои треба да бидат онаа вистинска „логистика“ за далеку понеискусните во тимот, кој ќе го предводи Вела Красниќ.
ПРВА ЛИГА-ЖЕНИ
ДВОЈКИ 1. КОЛО
8.ОКТОМВРИ (НЕДЕЛА)
14.00: МЗТ Скопје Аеродром – Крива Паланка
Сала „Независна Македонија“ – Скопје
14.00: Пробаскет – Куманово Гризли
Сала „Јасмин“ – Кавадарци
16.00: Струга 2009 – Баскет Кам 2011
Сала „Нико Нестор“ – Струга
9.ОКТОМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК)
18.00: Вардар – Бадел 1862
Сала на КК„Вардар“ – Скопје