Македонскиот одбојкарски шампион во женска конкуренција, Работнички, доцна синоќа замина за Романија, каде утре и задутре ќе ги одигра двете средби од првото квалификациско коло на ЦЕВ Челинџ Купот. По долги години, Работнички се осмели да се „проба“ во Европа, што е за поздравување, пред се за раст и афирмација на женската одбојка. Ждрепката не им беше наклонета на нашите шампионки, затоа што добија еден од најсилните можни ривали, финалистот во ова натпреварување од минатата сезона, романски Лугој.
„Екипата на Лугој е исклучително тежок противник, минатогодишен финалист на истото ова натпреварување, Челинџ Купот. Наша цел и пред да се пријавиме беше да се обидеме да стекнеме што поголемо искуство. Голем предизвик е да се игра во Европа, особено што нашиот тим е комплетно составен од домашни играчи, без странски зассилувања. Секој освоен сет би бил сензација и големо постигнување. За нас секој сет кој би го освоиле е достигнување на реално поставените цели“, изјави спортскиот директор на Работнички, Андријана Зафировска, пред заминувањето за Романија.
Работнички одлучи и двата меча да ги одигра на гостински терен. Првиот дуел е утре од 17:30 часот (по македонско време). Ревашот ќе се одигра веќе следниот ден во истиот термин.