Само три екипи засега немаат пораз во Супер-лигата. Алкалоид од групата А, вчера дојде до шестата победа во низа, откако славеше против Куманово, а таму без пораз и натаму е Тиквеш. Кавадарчани денеска против Скопје 2020 ќе се обидат да ја „зграбат“ победа број шест, а веќе во четврток да ги одмерат силите против вицепрвакот.
Со оглед на тоа дека доаѓа ЕХФ неделата и во машката конкуренција, како и европските обврски на македонските претставници, мечевите од Супер-лигата се играат во забрзано темпо. На седмото коло веќе го почнуваат Алкалоид и Тиквеш во дербито на оваа рунда. Доколку кавадарчани ги освојат бодовите денеска, во четврток еден од двата тима ќе се зацврсти на врвот на табелата.
Инаку денеска се играат три меча од шестото коло. Вардар 1961, кој исто така нема пораз е домаќин на Мулти Есенс, ова треба да биде уште една лесна задача за фаворитот против дебитантот.