Женската ракометна репрезентација на Македонија со убедлив триумф го почна квалификацискиот циклус за пласман на историското Европското првенство следната година кое ќе биде прво со 24 учесници. На премиерниот квалификациски дуел во групата, вечерва во Скопје избраничките на новиот селектор Кристијан Грчевски ја „демолираа“ селекцијата на Азербејџан со убедливи 40:17 (23:10).
Уште од првата минута на мечот, па се до финалето, немаше ниту една дилема како ќе заврши овој меч. Доминантно, со континуирано зголемување на предноста, нашите девојки успеаја да ја пронајдат формулата за успех во првиот меч во групата. Грчевски и неговите асистентки од клупата имаа навистина причини за задоволство, затоа што нашите девојки предводени од 100% Саздовска во првиот дел водеа со 23:10, а во вториот дел успеаја и да дојдат до уште поубелива разлика која ни дава голема стартна предност во квалификацискиот циклус.
Саздовска со 7 погодоци (сите во првиот дел) беше најефикасна во нашиот табор, каде во текот на вторите 30 минути шанса добија и оние од клупата, па и тие успеаја да се запишат во листата на стрелци. Исто толку гола постигна и Седлоска, додека пет гола останаа запишани зад името на Јанкуловска. Добар настап имаше и младата Ива Младеновска која застана на 4 гола.
Во рамките на ЕХФ неделата е предвиден уште еден натпревар против Литванија на гостински терен на 15 октомври.