Младата фудбалска репрезентација на Македонија за играчи до 19 години на фантастичен начин го почна квалификацискиот турнир во полскиот град Торун. Попладнево во првиот квалификациски дуел против домаќинот на турнирот, избраниците на селекторот Тони Јакимовски славеа со 2:0 и ги прокнижија првите бодови во групата во која претходно Германија со 6:0 го победи Казахстан.
Македонија одигра извонреден меч и поведе со голот на Величковски во 12. минута. Полскаците добија шанса да израмнат и тоа со удар од белета точка во 27. минута. Сталмах биеше, но Џеков успеа да одбрани и да не дозволи Полска да го израмни резултатот.
Во второто полувреме иако домашните притискаа, ние со едно ремек-дело на младиот Мухамед Елмас во 70. минута ја запечативме победата.
Во второто квалификациско коло, кое е на програмата на 14. октомври во 15:30. играме против моќната репрезентација на Германија. Во последното коло ќе се соочиме со селекцијата на Казахстан, на 17. октомври во 15:30.