Пелистер поразен, но не и посрамотен во Париз!

366

Пелистер повторно одигра добар меч против голем тим во Лигата на шампиони, но повторно остана без победа. Актуелниот македонски првак го запиша пораз број четири, откако беше совладан на гостувањето кај ПСЖ со 31-26.

Тајник, Пешевски и Борзаш постигнаа по пет гола кај битолчани, на другата страна Шипжак имаше седум погодоци.

Македонскиот првак беше рамноправен противник, особено во првото полувреме. ПСЖ отвори со 3-1, Пешевски и Радивојевиќ израмнија на 3-3 во четвртата минута. Од овој момент се играше гол за гол. Капитенот Пешевски и Цехте во 13 минута го запишаа првото водство на овој дуел, беше и 8-7, по што домаќинот ја врати минималната позитива.


Исклучување во редовите на Пелистер и техничка грешка беше доволно за да ПСЖ дојде на плус три 13-10, предност која ја имаше и на одморот (15-12).

Балгаер на стартот на второто полувреме погоди за први плус четири (17-13). По 18-14, битолчани не застанаа, преку Пешевски и Тајник доближија на 18-16. Пелистер не му дозволи на противникот да биде комотен. Сепак една грешка, две промашувања беа доволни за да ПСЖ ги врати највисоките плус четири, во 43 минута беше 23-19. Јовиќ повика тајм-аут, не дозволи неговите момци да влезат во агонија.

Францускиот првак полека зачекори кон предност која ветуваше триумф, во 48. минута резултатот беше 25-20. Балагер зголеми на 27-21. Иако се чинеше дека ова ќе биде пресуден момент и мечот ќе биде само чиста рутина, Пелистер намали на 28-24, не искористи напад да дојде на минус три.

Фаворитот на крајот ги искористи своите распложливи сили максимално и дојде до третата победа оваа сезона. На другата страна пак македонскиот првак го запиша поразот број четири. Следна шанса за победа е ППД Загреб, каде битолчани ќе гостуваат.

ПретходноЕвролига: Партизан славеше кај Асвел, Реал го растури Анадолу Ефес
СледноБарса без милост, Магдебург се мачеше во Плоцк