Пелистер одигра уште еден добар натпревар во Лигата на шампиони. Македонскиот првак застана цврсто против скапиот француски првак и не му дозволи лесно, пред неговите навивачи да дојде до бодовите.
Дека ПСЖ имаше проблеми, призна и предводникот на ПСЖ и поранешен селектор на Македонија, Раул Гозналез.
„Се соочивме со многу проблеми, и во фазата на одбрана и во нападот. Проблеми ни создаде Еурофарм Пелистер кој играше како тим, но и заморот од тешкиот натпревар против Нант во неделата. Се паметат бодовите и тоа е најважно, но мора да се подобриме. Ме изненади мотивираниот тим на Еурофарм Пелистер и сакам да им честитам за настапот. Се радувам на нашата следна средба и доаѓањето во Македонија“, изјави Раул по мечот.
Најдобриот стрелец во редовите на ПСЖ, Камил Сипжак исто така испрати комплименти на сметката на македонскиот првак.
„Честитки за тренерот и играчите на Еурофарм Пелистер, но и за моите соиграчи за остварената цел. Против себе имавме екипа која беше за нас непознаница, но која играше сплотено и компактно како тим. Заради таквата игра имавме проблеми 45 минута, но потоа се наметнавме и заслужено победивме“.