На денешен ден пред 30 години, во Крањ на 13.10.1993 година, за првпат во нашата историја навивавме за својата, за нашата Македонија, за нашата фудбалска репрезентација. За првпат се свиреше химната на Македонија во чест на фудбалската репрезентација. Тој ден за нас беше национален фудбалски празник.
Дебито беше на гости во Словенија, во Крањ. Натпреварот го добивме со 1:4, тие моменти, тие голови вечно ќе останат во сеќавање.
Се играше 3.минута кога по асистенцијата на Дарко Панчев, Зоран Бошковски –Чоко ја затресе мрежата на Словенија за наше водство од 0:1. Немаше крај на нашата радост, на фудбалските фанови. Паднаа и солзи радосници. Следуваа головите на Панчев, Јаневски и Канатларовски за конечни 1:4.
Чоко се запиша во историјата како прв стрелец за Македонија. Никогаш тоа нема да се заборави. Чоко ќе биде првиот, засекогаш.
А кој играше на тој меч во Крањ, на првата средба за Македонија, иако пријателска? На кого тогашниот селектор Андон Дончевски му даде шанса?
Тоа беа:
Зоран Мицевски, Кире Грозданов, Драган Канатларовски, Чеде Јаневски, Зоран Јовановски, Илија Најдоски, Љупчо Марковски, Бобан Бабунски, Тони Мицевски, Зоран Бошковски, Дарко Панчев. Во игра влегоа подоцна и Горан Георгиевски, Ванчо Мицевски, Сашо Милошевски.
Ете тоа беше нашата прва репрезентативна средба, тоа беа играчите кои ја испишаа историјата и затоа влегуваат во нашата фудбалска вечност.
Минаа 30 години, а како вчера да беше….
Гоооол….Чоко Бошковскииии…Македонија води.
Да се наежиш…