Како ќе биде подобро? Додека Пелистер „гори“ во Европа, ги „гори“ и македонските репрезентативци!

2239

✍️ Марија Ковачева

Четири кола – четири порази. Ова е епилогот за македонскиот првак во групната фаза во Лигата на шампиони. Александар Јовиќ по мечот изјави дека ќе било подобро, Пелистер бил на вистински пат.

Оваа изјава ме натера да се запрашам за кого ќе биде подобро? За странците или за Македонците во редовите на битолскиот тим?

Не ми требаше долго време за да го најдам одговорот на ова прашање. Дефинитивно, ќе биде подобро само за странските ракометари.

Зошто?

Тие ќе продолжат да ја ужуваат довербата од страна на македонските стратези и клуб кој се залагаат за подобро утре на репрезентативниот ракомет. Во Битола се направи убав проект, секоја чест за газдите кои имаат трпение за сите потрошени пари на играчи кои не заслужуваат толку многу бенефиции во Македонија, бидејќи истите не се врвни.

Да беше Пелистер изграден во стилот на Вардар (со еден Македонец и врвни европски ракометни имиња) и да беше рамноправен противник во европскиот крем, можеби ќе размислував поинаку.

Вардар учествуваше на три фајнл-фор завршници во Лигата на шампиони, а освои две титули. Доволен аргумент за да ги прескокнеме овие денешни анализи, но и да се наметне прашањето зошто во Битола македонските ракометари дремат на клупа, зошто на мечеви кога крајното сценарио е познато им се дава поголема минутажа на странците?

Чист и најсвеж пример за оваа моја констатација е Ненад Костески. Ракометарот кој ветува многу, ракометарот кој до сега не разочарал во ниту еден меч носејќи го дресот на Пелистер, остана закован на клупата на битолската гордост.

Наместо него во Париз се изнаигра Богдан Радивојевиќ. Би прашала што направи добро Србинот што Костески не може да го направи? Постигна два гола од четири обиди, беше половичен од седум метри. WOW!!!

Со ваков состав, за жал недоволно конкурентен на европска сцена, никоја не може да ме убеди дека Македонците кои се иднина на македонската репрезентација треба од клупа или пак со максимум десет минути треба да собираат искуство, а потоа истото да го пренесат во националниот тим.

Ќе дојде јануари, истите луѓе кои се викаат дека тресам „зелени“ ќе почнат да маваат со дрва и камења по репрезентацијата, ќе заборават да погледнат во сопствениот двор и да видат како тие го негуваат македонскиот талент. Не е далеку овој месец, ќе дојде брзо Европското првенство 2024 година.

Во списокот на играчи кои навистина е чудно зошто се уште упрно сакаат да си ја уништат кариерата го ставам и Емилијан Ѓорговски. Ова момче веќе требаше да блеска, но сега го заборавивме сите, оти за него нема многу простор во Пелистер.

Тука е Петар Атанасијевиќ, во Европа добива минутажа која е скромна, а има што да покаже, неговиот распон не е за потценување, напротив на ова момче треба да се внимава, во него некој треба да вложи за да чекори уште постабилно во растот на неговата кариера.

Цветан Кузманоски, исто еден од ракометарите кои веќе добиваат стандардно место во репрезентацијата и имаат главна улога. Постојано се зборува за Марио Танкоски зошто не игра, зошто го нема на реперезентативен список.

Никој не мисли на овие момци. Пелистер неслучјано е посочен зошто токму овој тим може на овие Македонци да им ја даде потребната доза на искуство за да пораснат.

Да се бореше Пелистер за титула во Лигата на шампионите, да имаше врвни странски ракометни имиња, приказната или народски кажано муабетот ќе беше поинаков.

Кога ќе дојде јануари, за европските битки рамо до рамо со една Франција, Германија и Швајцарија, ќе бидат од значење токму мечевите од ЛШ. Добро е познато дека Пелистер и Алкалоид во овој момент можат да придонесат за репрезентативниот ракомет многу повеќе од останатите токму поради европските обврски.

Вицепрвакот е потрепен на млади сили, во ЕХФ Европската лига сите играчи ќе соберат искуство од кое подоцна ќе биде драгоцено во националниот дрес зошто во овој момент само Никола Митревски игра во ЛШ, додека Филип Кузмановски и Филип Талески се исто со интернационално искуство. Вардар е сведен на домашно првенство.

Да си негуваме македонското – за да не очајуваме!

ПретходноДецата на Работнички и Вардар ја носат Албанија на ЕВРО 2024!
СледноИФФХС: Струга ТЛ е убедливо најдобриот клуб од Македонија и е на 251.место во светот!