Денеска во Прага со почеток од 15 часот, Македонија се чини дека ќе го одигра еден од најважните ако не и најважниот меч во квалификациската група – Ц за пласман на ЕВРО 2024. И гостуваме на Украина, селекција против која имаме четири порази во серија, значи тежок ривал е пред нас. Но, ние ако сакаме и натаму да сонуваме за евентуален пласман на ЕВРО 2024, повеќе од јасно е дека денеска мора, баш мора да се победи. Ако Англија е недостижна на тоа прво место во групата, тогаш Италија, Украина и Македонија имаат по 7 бода, но „аѕурите“ имаат меч помалку одиграно и денеска ја дочекуваат Малта во Бари.
А после овој меч во Прага играме на гости со Италија и за крај со Англија дома.
Ете, тие се математиките.
Нашата репрезентација охрабрена, по одличната игра против Италија и победата над Малта, ќе влезе на овој натпревар. Покажавме дека не сме заборавиле да играме квалитетен фудбал, дека знаеме и тоа како да одиграме како што треба. Украина е пред нас, нема што, силен противник, ја “имавме“ во раце во Скопје во јуни. Ја декласиравме во првото полувреме и тоа со 2:0, но потоа застанавме и дозволивме гостите да се радуваат на тие 2:3. Значи денеска е ден и за одмазда, едноставно сакаме да го вратиме она што го загубивме во Скопје.
Македонија оди на победа. Во нашиот табор оваа реченица во изминатите денови е кажана многупати од репрезентавците, тие најдобро знаат против кого играат и како треба денеска да одиграат за да дојдат до тие три бода.
Ние веруваме во нив, во Елмас, Барди, Џани, Столе…само напред и со победнички мисли.
НАПРЕД МАКЕДОНИЈА!
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕВРО 2024 ГРУПА – Ц
ДЕНЕСКА:
Прага: Украина – Македонија (15:00 Ч)
Бари: Италија – Малта (20:45 Ч)
ТАБЕЛА
1.АНГЛИЈА 5 4 1 0 16:2 13
2.ИТАЛИЈА 4 2 1 1 6:4 7
3.УКРАИНА 5 2 1 2 6:7 7
4.МАКЕДОНИЈА 5 2 1 2 7:12 7
5.МАЛТА 5 0 0 5 1:11 0