Шпанскиот шампион Барселона донел одлука за тоа што ќе прави со напаѓачот Жоао Феликс, кој игра како позајмен од Атлетико Мадрид. Каталонското издание „Спорт“ открива дека Португалецот со добрите настапи ги убедил сите во клубот дека се снаоѓа во Барселона, па тие ќе го откупат договорот по завршување на сезоната.
„Многу сме задоволни од неговите настапи. Имаме цела сезона за да подготвиме понуда со која ќе го задржиме на Ноу Камп“, изјавиле извори од Барселона за „Спорт“.
Барса ќе му ја зголеми платата на Феликс. По доаѓањето во финишот на летниот преоден рок била договорена годишна награда од 400.000 евра што е многу пониска од она што го барал фудбалерот, но на крајот се согласиле на ваква сума поради економските проблеми на Барселона.
Но во договорот ставиле клаузула за зголемување на платата кога финансиската ситуација на Барселона ќе ги задоволи барањата на Ла Лига. Сега случајот е таков па платата на Феликс ќе порасне на околу 4 милиони евра по сезона. Дури и вака платата ќе му биде пониска од онаа во Атлетико. Но тренерот Диего Симеоне не смета премногу на Португалецот, додека во Барса се задоволни од него, па за да игра и оваа плата од „Ноу Камп“ е прифатлива. Инаку тој има важечки договор со Атлетико до 2029 година.
Феликс има 8 меча за Барселона оваа сезона (7 како стартер) со ефект од 3 гола и 3 асистенции.