Шабан Трстена, нашата спортска легенда, освојувачот на златото од ОИ во 1984 во Лос Анџелес, денеска традиционално ги додели “Златните олимписки оскари“ за личност и институции кои го поддржувале во кариерата. Оваа година тој се одлучи да додели оскари и на медиуми и поединци кои и денеска се негова поддршка.
Меѓу тие кои добија „Златни олимписки оскари“ е и Игор Ивановски од нашата редакција „СпортСпорт“, новинар со 25 годишно искуство.
На церемонијата која се одржа денеска во хотелот „Александар Палас“ од страна на Трстена вакво признание добија и ректорот на Универзитетот ААБ од Приштина, др. Лулзим Тафа, Деканот на Факултетот за спорт од Приштина, др. Абедин Бахтири, како и деканот за спорт на Универзитетот „Хасан Приштина“, Муса Селими, академскиот сликар Мифтар Мемети, професорот од музичкиот училишен центар во Тетово и долгогодишен новинар, Љупчо Перински, новинарите Горан Милковски, Сами Адеми, Авни Ќаили и Мишко Иванов, актерот Сабедин Селмани, сопственикот на „Фокус Принт“, Имер Гоџуфи, како и пријателите на шампионот Агим Тачи и Билгин Џеладин.
На оваа церемонија присутни беа бројни гости, спортисти, пријатели на Трстена, новинари, познати личности кои уште еднаш му одаддоа признание, а тој покрај друго истакна:
„Она што ме поттикна да наградувам со „Златен олимписки оскар“ е фактот дека до титулата олимписки шампион успеав да стигна на достоинствен начин, со храброст и самодоверба. Така го остварив сонот што си го поставив како цел, да стигнам до врвот на спортските остварувања. Задоволство е кога се чувствуваш почитуван од вистинските луѓе, посебно од луѓето во мојот роден град, од цела Македонија и насекаде на Балканот. Како спортист на 20 век, преку доделувањето на овие „Златни олимписки оскари“, изразувам благодарност на луѓето кои беа со мене и воедно, изразувам голема почит за секој што дал придонес и знаел да го цени и да го вреднува мојот успех и вредностите на спортот во целина, посебно на олимписките вредности“.