Попладнево од 15 часот на стадионот “Благој Истатов“ во Струмица, нашата најдобра фудбалска репрезентација во пријателски меч ќе ги одмери силите против Ерменија. Со оглед на тоа дека во овој октомвриски квалификкациски за ЕВРО 2024 имавме само еден меч, секако дека оваа контрола и тоа како е добредојдена. Целта е јасна, да се проверат можностите и потенцијалот на сите оние кои немаа минутажа на мечот во Прага пред три дена, но и да се дојде до добар резултат. А добар резултат пред струмичани секако дека е само победа.
По поразот од Украина во Прага, со кој ги загубивме шансите за пласман на ЕВРО 2024, сега се вртиме кон оваа пријателска која ќе биде и добра подготовка за мечевите во ноември со Италија и Англија за крај на квалификациите. Кој ќе игра денеска, на кого селекторот Благоја Милевски ќе му даде шанса, ќе се одлучи пред натпреварот, но момците знаат дека кога станува збор за Македонија, за дресот на својата земја, нема важни и помалку важни натпревари. Секоја меч е важен, секоја победа е значајна па макар и на пријателска.
Интересно, Македонија денеска се среќава со репрезентацијата со која во изминатите 30 години, откако постои нашата селекција, играла дури 12 пати, ова ќе биде 13-тиот меч. Против никоја друга селекција не сме одиграле толку мечеви, и имаме пет победи, четири порази и три ремија со гол разлика 20:17. Во последните три години ова ќе биде петти дуел со силната селекција на Ерменија.
Последен пат со Ерменија се сретнавме пред две години, и тоа во Ереван во квалификациите за СП 2022.Победивме со 0:5, тогаш сегашниот капитен Енис Барди постигна хет-трик, голови дадоа и Александар Трајковски и Милан Ристовски. Тоа беше се чини досега најдобриот натпревар на Македонија под водство на селекторот Благоја Милевски.
Не би имале ништо против нешто слично да биде и денеска во Струмица.
НАПРЕД МАКЕДОНИЈА!