Алкалоид денеска ќе испише нова клупска историја. По само една сезона минатата во Супер-лигата, овој тим составен од млади ракометари успеа да заврши на второто место и да обезбеди билет за групната фаза во Европската лига.
Кирил Лазаров, кој има големо искуство во ваквите натпреварувања, вечерва (20:45 часот) во СЦ „Јане Сандански“ со неговите момци ќе го имаат првиот предизвик. Силниот состав на Војводина ќе биде противник на македонскиот вицепрвак. Српскиот тим е фаворит на оваа средба, во ова натпреварување доаѓа како првак од ЕХФ Европскиот Куп и како првак на својата земја.
Иако е поткован со квалитетни и искусни играчи, во Алкалоид имаа една цел, исправено да го прифатат противникот, и да бидат рамноправни на теренот. Лазаров не крие дека позитивната трема веќе е присутна кај неговите млади ракометари, но верува дека ќе го спроведат она што е договорено, а доколку има шанса за изненадување ќе ја „зграбат“.
„Ова е историски натпревар за нашиот клуб. Минатата година успеавме да направиме голем успех и да се пласираме во Европската лига на ЕХФ, во втората година од нашето постоење. Тоа е второ по квалитет натпреварување во Европа, по Лигата на Шампионите и тоа за нас значи многу, затоа што лани имавме екипа само со македонски играчи.
Ќе се обидеме да бидеме компетитивни во натпреварувањето кое е рамо до рамо во Лигата на шампионите и тука има екипи кои многу пати низ историјата играле во елитата. За нас ова ќе биде голем предизвик, посебно за младите македонски играчи и се надевам дека достојно ќе се презентираме“, изјави тренерот Кирил Лазаров.
„Го имаме првиот ривал Војводина, победник на EHF Куп, третото европско натпреварување на ЕХФ минатата сезона. За да се победи во било кој европски куп мора да бидете квалитетни. Оваа година Војводина донесе двајца Тунижани, го имаат Воркапиќ кој е еден од нивните подобри играчи, тука е и Сунајко, унгарски интернационалец и репрезентативец, потоа белорускиот репрезентативец Пуховски, Словенецот Оцвирк… тоа доволно говори со каков противник треба да ги одмериме силите.
Македонската јавност во следниот период ќе ужива во овие мечеви, а ние како клуб ќе се обидеме да ги оправдаме очекувањата и да го дадеме најдоброто од себе. Очекувам квалитетен меч, се надевам дека играчите ќе одговорат на предизвикот. Максимално ја респектираме Војводина, но ако бидеме на потребното ниво, ќе се отвори можност за изненадување“, изјави Лазаров на прес-конференцијата.
Билети за натпреварот можат да се набават преку продажната мрежа на MKTickets.
Покрај Војводина во група со Алкалоид се Ла Риоха од Шпанија и Силкеборг од Данска, две екипи кои исто така играат врвен ракомет.
Сето ова пак ќе биде голем плус за македонските играчи, бидејќи Алкалоид остана на својот став, играта да се темели токму на домашните ракометари со цел да се стекнат искуство кое дефинитивно нема цена.