Е.Пелистер се подготвува за нова пресметка во Лигата на шампионите. По четирите порази на стартот на ова натпреварување, нова шанса за победа, македонскиот првак ќе бара кај ППД Загреб на гости, мечот е закажан за во четврток (18:45 часот).
Последните два дуели против Кил на домашен терен и ПСЖ на гости им влева надеж на ракометарите на Пелистер дека одат во добар правец и дека формата е во нагорна линија. Противникот е анализиран, а за триумф ќе треба 100% фокус.
„Видливо е дека формата оди во нагорна линија, одиграме два одлични натпревари по ред. Ни следи Загреб, противник со кој мора да играме максимално, затоа што беа перфектни на последните два домашни натпревари. Ги анализираме, нема да биде лесно, мора да бидеме на 100% и дај Боже да се израдуваме на првите бодови“, ја пренесува атмосферата и очекувањата, Ненад Костески, кој на последниот меч против ПСЖ не доби минутажа.
Костески има настапувано за хрватскиот тим, токму од редовите на „плинарите“ се пресели во Битола. Од деновите минати во Загреб има убави спомени.