Храбра игра на Алкалоид во поразот од Војводина на првиот европски дуел

220

Алкалоид со пораз ја почна историската сезона во Европската лига. На домашен терен македонскиот вицепрвак беше поразен од првакот на Србија, Војводина со 26-31. Избраниците на Кирил Лазаров беа рамноправен противник, покажаа дека не треба да бидат потценувани во ниту еден момент, иако против себе имаа еден искусен состав. Алкалоид имаше проблем со „пеналите“ реализираше пет од девет, што пак доволно говори дека овој дуел можеше да отиде во поинаков правец.

Џонов со осум гола беше прв стрелец, по пет имаа Митев и Бинго. На другата страна Воркапиќ реализираше осум погодоци. 

Првиот гол во европските клупски натпреварувања го постигна Мартин Серафимов, од седум метри реализираше за 1-1. Една грешка, неискористени напади на македонскиот вицепрвак, Војводина ги претвори во водство 1-3 во петата минута.

Алкалоид продолжи со хаосот, на среќа на другата страна противникот не ги казни сите грешки. Трајкоски влезе во серија, Маркоски заедно со Бинго вратија за 3-3 во 10 минута. Расположениот Воркапиќ со три гола зголеми на 3-6 во 14 минута, ова беа нови минути кога неискуството на Алкалоид дојде до израз.

Војводина максимално ја користеше својата доминација, дојде на плус пет (5-10) во 18 минута. Лазаров во меѓувреме повика тајм-аут за да ги смири неговите играчи кои видливо беа импресионирани, што пак беше причина за бројните неискористени топки.

Гостите одржуваа предност од четири до пет гола, Алкалоид имаше бројни шанси да се доближи резултатски, но едноставно, немаше реализација иако противникот имаше на двапати исклучувања. Џонов во овие моменти единствената светла точка кај домаќинот.

Токму со два гола на Џонов (шест од шест во првото полувреме) и еден на Бинго, Алкалоид на големо се врати во мечот, намали на 13-15 на одморот.

Трнавац на стартот на вториот дел одбрани седмерец на Џонов, Азис зголеми на 13-16. Биго врати за 14-16, а потоа Серафимов за 15-17. Алкалоид имаше две шанси да дојде на минус еден, па дури и да израмни, но не ги искористи. Нешто подоцна Велковски со својот прв погодок доближи на 18-19 во 39 минута.

Македонскиот тим остана со два играчи помалку на теренот. Џонов за лажирање, Митев за неправилна измена. Серафимов не реализираше седмерец, Лучин запиша две одбрани, Војводина зголеми на нови 18-21.

На средината на второто полувреме нов пад на Алкалоид, гостите дојдоа на плус седум (19-26) во 47. минута. Овој момент се чинеше како доволен за да гостите почнат да чекорат кон победата, Трнавац беше во форма, па разликата „скона“ на 20-27.

Сепак младите момци на Лазаров не се откажаа. Во последните пет минути се издигнаа, со серија од 5-0, предводени од Трајкоски кој запиша четири одбрани, со головите на Серафимов, Митев (два гола), Џонов и Бинго намалија на 25-27 во 57. минута. Серафимв не реализираше важен пенал, на другата страна искусната Војводина конечно здивна и дојде до посакуванат разлика за сигурна победа.

Во следното коло, македонскиот вицепрвак е гостин на Ла Риоха.

ПретходноПСЖ повторно ќе го моли Мбапе да потпише барем едногодишен договор
СледноТалески со два гола во убедливиот пораз на Бенфика