Од многу приказни на крајот тешка „нула“

1175

Ако не го „броиме“ Гибралтар, селекцијата на Молдавија е најслабата во нашата група каде фудбалерите до 21 година се во квалификациска мисија за пласман на ЕП 2025. А ние загубивме вчера од таа Молдавија, кај нив во Кишињев. Пораз кој дополнително боли затоа што при 0:0 во вториот дел домашните добија црвен картон, патот ни беше отворен а ние се сопнавме и не само што не победивме туку загубивме, добивме „0“ бодови, се удавивме на суво.

Ја избришавме големата победа на гости кај Шведска, се вративме назад, ги губиме шансите за подвиг во групата во која оваа генерација требаше и имаше капацитет да се бори за втората позиција во групата. Селекторот Драган Канатларовски треба да превземе одговорност за овој голем кикс, да се бара причина за неуспехот за да не ни се повторни нешто слично и на дуелите со аматерите од Гибралтар. Да не се брукаме затоа што токму фудбалерите до 21 година го расипаа вчерашниот перфектен ден на нашите национални репрезентации. Сениорите ја преслушаа Ерменија, селекцијата до 19 години се пласираше во елитната фаза и покрај силната група со Германија, домашната Полска која е во аут и се понезгодниот Казахстан. Дебаклот во Кишињев, слабото издание на селекцијата до 21 година на Канатларовски покажаа како не треба да се бранат националните бои. Таа селекција која од ФФМ има добиено „од пиле млеко“ не ги оправдува очекувањата затоа што едно се приказни за а маса од тоа кои од фудбалерите биле добри до она што го видовме во Молдавија и „давењето на суво“.

Селекторот има искуство, затоа и доби поддршка… но стартот е лош, резултатите се потребни. Канатларовски кој беше селектор на двапати кај сениорите сигурно знае дека во репрезентацијата секогаш треба да играат најдобрите и дека таму нема минат труд, нема кредити, нема мои твои – туку треба да има само најдобрите во моментот а не во некои претходни времиња.

Се друго е на штета на националниот тим, на штета на резултатите кои се најбитни за сите од ФФМ, стручен штаб, клубови, медиуми…

Да потсетиме дека селекцијата до 21 година во последните неколку циклуси бележеше успеси и токму таа е онаа која ја отвори вратата и прва настапи на едно големо натпреварување. Токму оваа селекција е главен извор за играчи во сениорскиот состав а тоа зошто со години ниту еден тинејџер не игра за сениорите е посебна приказна и доказ дека нешто не е како треба со работата, селекцијата, игрите…

Памет во глава додека не е прекасно и да не ни се случи нова Андора на дуелите со Гибралтар… Почетокот е далеку од добар, просечен а можеби и лош.

ПретходноСите натпревари од 11.коло во ПМФЛ се играат во недела, саботниот термин е резервиран за второлигашите!
СледноУЕФА го натера Израел да одигра 4 меча за само 9 дена!