Италијанската фудбалска репрезентација се најде во небрано по поразот од Англија. За пласман на ЕУРО 2024 година ќе мора да дојде до победа против Македонија на домашен терен, а потоа да ја совлада Украина на гости.
Нашата репрезентација до сега се покажа како кобна кога станува збор за пласманот на Италија на големите натпреварувања. По лошото сценарио за овој тим во Палермо пред година и половина, селекторот Лучијано Спалети, на прес-конференција истакна дека не се плаши од никого.
„Јас не се плашам од ништо и од никого и ќе бидам изненаден ако се исплашат моите играчи. Имаме сила да се бориме против секого. Резултатот 3:1 не е праведен за тоа што се виде на теренот, ќе продолжиме да работиме во исто темпо. Сакаме да играме цврсто, да играме на отворен простор и да имаме силен интензитет во 90 минути. Ние сме Италија, не можеме да се плашиме од неуспех“, изјави Спалети.
Италијанскиот репрезентативец Франческо Ачерби после поразот од Англија, најави победа над Македонија.
„По два пропуштени Мундијали, апсолутно мора да се квалификуваме на Европско првенство. Не сакам ни да помислам на можноста тоа да не се случи. Мора да ја победиме Македонија, нема друго“, рече Ачерби.