Македонската фудбалска судијка Ивана Пројковска со своите помошнички Вјолца Изеири и Елена Шоклевска-Илиевски ја делеа правдата на дербито во квалификациите за пласман во групите на женската ЛШ помеѓу тимовите на ПСЖ и Манчестер Јунајтед.
Првиот меч во Манчестер заврши 1:1, а вечерва на реваншот во Париз домаќинките славеа со 3:1 и изборија место во групите.
Четврта судијка беше Ирена Велевачковска. Мечот беше чист, нашата судијка не покажа ниту еден картон.
Ова е првиот меч сезонава во ЛШ за Пројковска. Минатата сезона ја делеше правдата на три натпревари: Лион-Арсенал, Росенгард-Бенфика и Баерн – Арсенал.
Пројковска е рангирана меѓу најдобрите 20 женски фудбалски судијки во Европа.