Манчестер Јунајтед размислува за доведување на Лука Модриќ, тврди шпанскиот новинар Едуардо Инда. Јунајтед оваа сезона игра очајно, во Премиер-лигата се наоѓа на 10. место со 12 бода по осум натпревари, а во Лигата на шампионите загуби од Баерн и Галатасарај.
“Модриќ се уште не знае каде ќе ја заврши сезоната. Има клубови кои се распрашуваат за него, а еден од нив е Манчестер Јунајтед. Единствениот проблем е што Јунајтед е последен во својата група во Лигата на шампионите и најверојатно нема да биде во тоа натпреварување после Божиќ.
Модриќ сака да игра и се жали дека не е во натпреварувачки ритам. Во Јунајтед знаат дека Модриќ не е среќен во Реал и прашуваат како да го доведат во јануари“, пишува шпанскиот новинар.
Капитенот на хрватската репрезентација пред оваа сезона го продолжи договорот со Реал на уште една година, но е разочаран од статусот кај Карло Анчелоти бидејќи најголемиот дел од натпреварите ги започна на клупата за резерви.
„Модриќ ќе почека два месеци за да види дали ќе му се смени статусот. Дури потоа ќе одлучи што ќе прави со кариерата“, тврди Инда за 38-годишниот играч за врска кој е во мадридскиот клуб од 2012 година.