По двата воведни порази и првата победа извојувана во минатото коло, екипата на Феникс 2010 како да фати залет и веќе ја изброја и втората победа на контото во новата сезона. Во последниот денешен дуел од 4. коло, кошаркарите на Феникс на домашен терен со високи 96:80 славеа над Кожув и повторно покажаа дека можат да бидат сериозно конкурентни и со најдобрите.
Освен во третиот период кога гостите покажаа малку повеќе желба и упорност за подобар резултат, домашните беа подобри во остатокот од мечот и истиот умешно го приведоа до триумф.
Фантастично издание имаше Рис кој со 31 поен беше најефикасен на теренот, но добра партија имаа и Трајковски со 21 и Митревски со 18 поени. Хукуќ со 19 и Артисон со 18 поени беа најдобри кај гостите од Гевгелија.