Денеска во Битола ракометен спектакл. Е. Пелистер против Вардар 1961. Дуел на две од трите наши најдобри екипи. И секогаш кога играат Пелистер и Вардар, без разлика во кој спорт, страстите вријат, посебно кај навивачите.
Токму затоа во пресрет на денешното големо дерби, раководството на битолчани со специјално соопштение им се обрати на своите фанови, во кое стои:
„Почитувани љубители на спортот и ракометот, верни навивачи.
Во пресрет на денешниот првенствен ракометен натпревар помеѓу екипите на РК Еурофарм Пелистер и РК Вардар 1961, апелираме и Ве замолуваме сите кои ќе бидете денес во спортската сала Боро Чурлевски, со своето фер и коректно спортско навивање и бодрење на својот тим да придонесете натпреварот да се одигра во спортска и фер атмосфера и уште еднаш да докажеме дека нашата сала и нашиот град со право го носат епитетот ХРАМ НА РАКОМЕТОТ.
Во име на клубот, упатуваме апел и замолуваме да не се реагира недостојно на евентуални провокации (да се надеваме дека ќе ги нема) и однапред смислени можни сценарија. Како клуб ги превзедовме сите организациони мерки за квалитетно и непречено одигрување на натпреварот. Денес ние сите заедно (играчи, стручен штаб, управа и навивачи) на терен треба да покажеме кој е македонскиот ракометен шампион и која е најдобрата публика на светот. Затоа ајде сите заедно, спортски, фер и коректно да издвојуваме една голема победа на нашиот клуб.
РК Еурофарм Пелистер