На Пелистер му „гори“, Вардар 1961 „ранет“ доаѓа во Битола

445

Денеска (18 часот) во салата „Боро Чурлевски“ на програмата е вечното супер-лигашко дерби меѓу Пелистер и Вардар 1961. Ова ќе биде втора пресметка во шампионатот, а ако се земе во предвид и Суперкупот, „црвено-црните“ водат со 2-0.

Иако се очекуваше ова да биде вистинско одмерување на силите, сепак најтрофејниот ракометен колектив во Битола доаѓа со големи проблеми. Пред неколку дена Вардар 1961 побара одложување на оваа средба поради здравствени проблеми. Речиси цел тим беше под инфузија, но од Битола добија негативен одговор, раководството на актуелниот првак со факти објасни зошто не се согласува на ваков чекор.

Пелистер е во криза кога станува збор Лигата на шампионите. На битолскиот тим му треба еден триумф во домашниот шампионат против тим како што е Вардар, за да ја врати самодовербата, но и вербата кај навивачите дека навистина се на правиот пат, нешто што го слушаме после секој пораз во елитното натпреварување.

На другата страна Вардар 1961 кој има седум победи во исто толку одиграни мечеви, во својата единствена обврска засега доминира. Иако нема да бидат сите фит, или дел ќе бидат кревки поради вирусната инфекција, сепак оние кои ќе допатуваат нема да го дигнат белото знаме, напротив мотивирани ќе влезат во уште една пресметка со Пелистер.

Првата средба во Скопје заврши со убедлив триумф на „црвено-црните“ од 30-25. Пелистер ќе брка поголема разлика или иста, но со поголем количник, додека пак Вардар едноставно може да ја одбрани оваа разлика и да остане на врвот во групата Б.

ПретходноШкендија ја дочекува Брера, тим кој два месеци сонува да оствари победа во ПМФЛ!
СледноЕ. Пелистер до своите фанови: Не наседнувајте на провокации и однапред смислени можни сценарија!