По две недели пауза поради репрезентативните настапи, денеска од 14 часот со мечевите од 11.коло продолжуваат возбудувањата во нашата ПМФЛ. Секако дека дербито се игра на Маџари, каде се среќаваат Работнички и Вардар, но во Ѓорче исто така ќе се одигра супер интересен меч, и тоа меѓу Македонија ЃП и Струга ТЛ, екипи кои играа во мај во последното финале во Купот на Македонија. За Струга ТЛ оваа 2023 година е речиси совршена. За првпат стана шампион, имаше одлична европска одисеја, беше пред портите на плеј – офот во ЛК, но останува тагата по она загубено финале во Купот, токму од “лавовите“. Па така денеска четата на стратегот Шпетим Дуро ќе бара одмазда и тоа среде Ѓорче. Во тимот се врати и Бесарт Ибраими. Нема дилеми, Струга ТЛ ќе оди на победа.
Под Шара екипата на Шкендија ја дочекува Брера Струмица, а во Кратово домашниот Силекс ќе се обиде да дојде до нови бодови и тао против одличниот оваа есен, Тиквеш. Тим кој просто изненадува од коло во коло.
Шкупи и Брегалница се среќаваат во Куманово и тоа поради реновирање на Чаир. Ова доста менува, ова е шансата на момците од Штип предводени од стратегот Горан Здравков не само да дојдат до бод, туку ако одиграат како што знаат на “неутралниот“ терен во Куманово би можеле и до сите три против квалитетниот состав на Шкупи, кој сепак нема да игра на Чаир.
Во Гостивар истоимениот тим ја пречекува Воска Спорт. Ова се два тима кои досега освоиле по 10 бода и се наоѓаат на делба на 10-11 место на табелата. Ова е екстра значаен меч за двете екипи во битката за опстанок.
Сепак Гостивар има многу, многу подобар тим и ова ќе биде деби на еден официјален меч на новиот стратег на гостиварци, Емре Озбајер.
ДВОЈКИ ЗА 11.КОЛО – ДЕНЕСКА (14 Ч)
Скопје: Работнички – Вардар
Куманово: Шкупи – Брегалница
Кратово: Силекс – Тиквеш
Скопје: Македонија ЃП – Струга ТЛ
Гостивар: Гостивар – Воска
Тетово: Шкендија – Брера Струмица
ТАБЕЛА
Шкендија 23, Шкупи 19, Струга ТЛ (-1) 18, Силекс 16, Брера Струмица 14, Тиквеш 14, Работнички 13, Брегалница 13, Македонија ЃП 11, Воска 10, Гостивар 10, Вардар (-1) 5 бодови…