По цели 2,5 години повторно на сцена е Соседското дерби меѓу Работнички и Вардар. Нашите два најтрофејни клубови, заедно имаа 15 титули шампион на Македонија, повторно во битка за Скопје, повторно да се покаже и докаже кој е главен фраер во главниот град.
Мечот се игра на стадионот “Борис Трајковски“ со почеток од 14 часот, ова е средба во рамките на 11.коло во ПМФЛ.
Некогаш нивните дуели одлучуваа за шампионскиот трон, некогаш Скопје се “тресеше“ кога играа Работнички и Вардар, некогаш во екс СФРЈ нивните дуели ги следеа и по 20.000 фанови, но сега се некои други времиња. Ни Работнички а уште помалку Вардар се тоа што треба да бидат.
Факт е дека клубот од Дебар Маало е фаворит. Несомнено има подобар тим, работите се посредени во клубот во однос на Вардар, но Работнички секогаш тешко го победувал Вардар, и кога бил најдобар и најмоќен.
Димитар Тодоровски, младинскиот репрезентатвец на Македонија, во пресрет на денешното дерби од страна на Работнички истакнува:
“Вардар е најтрофејниот клуб во Македонија, затоа ние секогаш ќе имаме респект за нашиот градски ривал. Ова дерби секогаш нуди голема борба и допадлив фудбал, така сигурно ќе биде и денеска. Ние сме максимално мотивирани и секако дека посакуваме победа“.
Последен пат Работнички и Вардар играле на 1 мај 2021 година и победил тимот од Дебар Маало со 3:1, а Вардар последен пат победил пред точно четири години, и тоа на 26.10.2019 година.
Во изминатите 73 меѓусебни мечеви, Работнички има 24 победи, Вардар има 31, а 18 средби завршиле без победник.