Коментар на 11.коло: Ужас, катастрофа…ова беше најлошиот меч на Работнички во изминатите две децении!

873

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Додека ова го читате Работнички можеби ќе има нов тренер, можеби и не, тие си знаат, но едно е јасно. Промени мора да има, по секоја цена. Едноставно Милан Илиевски не може да го води овој тим на Работнички, тим кој што треба да атакува на титулата а не да се бори за опстанок. Освоени само 13 бода на 11 средби, и само пет повеќе од Вардар кој е на дното на табелата. Од оној Вардар кој вчера му зема “мерка“ на скопското дерби бр.74.

Милан Илиевски е тренер во клуб кој во последните 5-6 години го има најголемиот клупски буџет. Тој има на располагање играчи од типот на Велкоски па се до голманот Алексовски. Барем десетина некогашни и сегашни репрезентативци, младински репрезентативци. Но тој тим едноставно нема кој да го води.

Тоа посебно се виде вчера. Па, зарем овој Работнички во првото полувреме да му ја препушта иницијативата на Вардар, на тимот кој и со бод ќе беше пресреќен. Да нема никаква тактичка замисла што треба да се прави, мечот да го започнеш со некој си чуден состав а на клупа да ти се Деспотовски, Велкоски, Влатко Стојановски, Тодоровски, Петковски, Гроздановски…замислете.

И дефинитивно ова беше можеби најслабото издание на Работнички во изминатите две децении, ова го велам зошто како новинар интензивно од 2004 година па наваму ги следам настаните во и околу Работнички.

Работнички губел и со 0:5 во ПМФЛ, но никогаш, ама никогаш не одиграл толку очајно, ужасно лошо, и тоа против Вардар, тим од кого барем според имињата е подобар за две класи.

Се разбира дека честитки за Вардар, одигра храбро, знаеше што сака, но Вардар на клупата го има еден Васоски, а Работнички го има Илиевски. И тука е проблемот на клубот од Дебар Маало.

Ваквите настапи во изминатиот дел од сезоната, а се одиграа само 11 кола, и не се изненадување. Дека нешто не штима се виде уште на подготвителните мечеви летоска.

Јас само не знам што ли првите луѓе на клубот гледаа тогаш. Па и уште му го засилија тимот со Влатко Стојановски, со Мурати, Белица, Рашид, Петковски, Гроздановски, Кагиму, Дејли и уште неколкумина.

И со тоа му “дадоа“ на Илиевски “клучеви од Мерцедес или БМВ“, но нели, треба да знаеш да го “возиш“ тој “скап автомобил“ а тој очигледно е дека не знае, барем сеуште не. Којзнае, кога ќе добие “тренерска километража“ и искуство, веројатно ќе знае. Ама сега е така.

И сега што?

Ништо, уште една загубена сезона на некогашниот гигант, уште една сезона со мислите кон дното наместо кон врвот на табелата.

Но, така е тоа. Кога ти суфлираат некои други кој треба да биде тренер, демек ова е наше дете и тој е супер, на крајот излегуваат ваквите ужасни резултати.

Работнички е скапа играчка, Работнички после Вардар е најтрофејниот клуб во Македонија. Името на Работнички тежи, тој е само еден од трите кои некогаш играле во елитната лига на екс – СФРЈ.

И на Работнички дефинитивно му личи да има тренериште и како име, но и како стратег кој си знае својата работа.

И, што сега?

Дали Мичка останува или не на клупата на Работнички?

За останатите мечеви во вчерашното 11.коло се е кажано, анализирано. Струга ТЛ со моќно издание, затоа настрада Горан Симов. Брера Струмица повторно не победи, но затоа одигра одлично под Шара. Силекс преку Ристовски дојде до екстра победа против Тиквеш а Шкупи ја победи Брегалница и затоа што има фантастичен голман.

ПретходноТРЕНЕР НА КОЛОТО: Шпетим Дуро (Струга Трим Лум)
СледноШто е она што го има МЗТ Скопје, а го нема Работнички?