Алкалоид со историски бод против големата Ла Риоха во Европската лига

274

Алкалоид дојде до првиот историски бод во Европската лига, откако на гостувањето кај Ла Риоха одигра 29-29 во рамките на второто коло во ова натпреварување. Избраниците на Кирил Лазаров одиграа одличен меч, поинаков од Скопје, имаа шанса да извлечат и победа, но мора да бидат горди и на овој бод, особено ако се земе во предвид дека шпанскиот состав беше голем фаворит на оваа средба. 

Трајковски со десет одбрани беше човекот кој го повлече својот тим во второто полувреме, Бинго постигна седум гола, Џонов шест, Велковски беше стрелец на четири погодоци. За одблежеување е учинокот на Петковски, тој на 22 секунди до крајот со својот погодок донесе реми. 

Македонскиот вицепрвак за осум минути постигна еден гол (дело на Велковски), на другата страна Палашиќ запиша две одбрани, а шпанскиот состав поведе со 4-1. Бинго го скриши мразот, заедно со Петковски намалија на 5-4 во 11. минута. Алкалоид ја стабилизира играта, со вториот гол на Петковски дојде до прво изедначување (7-7) во 14. минута.

На другата страна Ла Риоха набрзина врати за 9-7. Но, Велковски и Бинго имаа одговор за ново изедначување 9-9. Домаќинот успеа да казни неколку грешки на македонскиот вицепрвак, Палашиќ запиша две нови интервенции, но македонскиот вицепрвак повторно изедначи 13-13 во 24 минута (Џонов седум метри и Стојковиќ).

Алкалоид не искористи напад да изедначи, неискуството беше казнето со серија од 3-0, противникот лесно зголеми на 18-15, резултат со кој заврши првото полувреме.

Ла Риоха на стартот на вториот дел дојде на плус четири (19-15), но момците на Лазаров магично се вратија на дуелот. Трајковски проработе на голот, а Алкалоид со серија од 5-0 дојде до првото водство на мечот од 20-21 во 38 минута. Македонскиот вицепрвак водеше со еден гол разлика, штета не искористи неколку напади по голот на Серафимов (23-24) да дојде на плус два. После осум минути затишје Рамос израмни на 24-24.

После 24-25, следеше нова серија нереализирани напади за македонскиот вицепрвак. Алкалоид застана, Ла Риоха со четири гола во низа го врати водството од првото полувреме (28-25) во 55. минута.

Не се откажаа момците на Лазаров, два гола на Серафимов, еден на Џонов и две одбрани на Трајковски донесоа ново изедначување (28-28) на две минути до крајот. Омерагиќ не искористи контранапад за водство, Рамос не пропушти да врати за 29-28. Останаа 22 секунди за македонскиот тим, Петковски погоди за 29-29. На другата страна остана некој секунда за домаќинот, кој не успеа да дојде до победа.

Алкалоид има право да биде горд по ова издание, кое ќе биде голем мотив за младите ракометари, кои дефинитивно од меч во меч созреваат и го собираат искуството кое нема цена, поготово кога се „печали“ на вакви натпреварувања. 

ПретходноМурињо останува без Дибала и за дербито со Интер
СледноМанчестер Јунајтед е прв во Премиер лигата, но како најгруб тим