Куп – 1/8 финале: Вардар против “лавовите“, Работнички на мегдан со Шкендија, Струга ТЛ сака триумф на “езерското дерби“

216

 

Денеска од 14 часот на програмата се сите осум средби од осминафиналето во Купот на Македонија. Брегалница игра дома, и тоа против нисколигашот Јанг Тим и јасно е дека ова за “сините“ ќе биде само една ревијална средба, тие се веќе во четвртфиналето.

Бранителот на пехарот, тимот на Македонија ЃП ќе има тешка задача да ја мине оваа пречка. Имено “лавовите“ му гостуваат на Вардар, тим кој што е охрабрен по триумфот над Работнички, секако дека си има свои сметки. На клупата на “лавовите“ своето деби ќе го има новиот стратег Тони Џангаровски.

Дербито во ова осминафинале се игра на ФФМ, се среќаваат Работнички и Шкендија. По онаа бламажа и катастрофа со Вардар, клубот од Деба Маало не го смени тренерот, Милан Илиевски и денеска ќе го води тимот. Ривал е Шкендија, кој секако дека посакува пласман во следната фаза. А и традицијата вели дека Работнички и е редовен пациент на Шкендија. Сепак ова е куп, тука се е можно.

Супер интересно ќе биде во Охрид, каде во “езерското дерби“, се среќаваат Воска и Струга ТЛ. Шампионот секако дека посакува победа и пласман во следната фаза, но Воска го има фантастичниот Марушиќ во нападот.

Во Кратово домашниот Силекс не би требало да има тешка задача со второлигашот Башкими, но само ако “влезе“ во мечот без потценување. Истото важи и за Шкупи, кој во с.Петровец го дочекува Охрид, тим кој што во последните неколку кола во ВМФЛ игра во фантастична форма.

Неизвесно се очекува да биде во Струмица, каде Брера игра со Гостивар. Меч на екипи кои не кријат дека имаат и тоа какви амбиции во ова натпреварување.

Во Битола се среќаваат Пелистер и Тиквеш. Дуел за уживање, дуел во кој нема фаворити, иако битолчани се второлигаши, и поради фактот дека се игра на стадионот “Петар Милошевски“.

Познато е дека и во оваа фаза, во случај на нерешен резултат, нема да има продолженија туку веднаш ќе се изведуваат пенали.

 

ДВОЈКИ ЗА ДЕНЕСКА (14 Ч)

Скопје: Вардар – Македонија ЃП

Штип: Брегалница – Јанг Тим

Скопје: Работнички – Шкендија

Кратово: Силекс – Башкими

Битола: Пелистер – Тиквеш

Струмица: Брера – Гостивар

С.Петровец: Шкупи – Охрид

Охрид: Воска – Струга ТЛ

ПретходноИсторискиот бод на Алкалоид во Логроњо: Лазаров „заповеда“, Петковски ладно спроведе (ВИДЕО)
СледноРоналдо даде повеќе голови со послабата нога, отколку Меси во цела сезона за Интер Мајами