Ричлиев оптимист пред заминувањето за Бургас: Можеме да се бориме и за второто место!

227

Македонскиот одбојкарски шампион Струмица попладнево заминува за Бургас, каде од петок до недела ќе настапи на еден од квалификациските турнири во првата фаза од новата сезона во најсилното клупско натпреварување, ЦЕВ Лигата на шампионите. Струмичани засилени со неколку интернационалци и оваа година направија респектабилен состав кој ќе се обиде во силна конкуренција да направи изненадување, па дури и да се впушти во борба за едно од првите две места кои обезбедуваат пласман во втората квалификациска рунда од ЛШ.

Со доаѓањето на Канаѓанецот Офоха, тренерот Кире Ричлиев го комплетираше ростерот со кој ќе се обиде да испише нова историја и за клубот и за македонската одбојка.

„Задоволен сум од тимот кој го имам и оваа сезона. Денеска ќе одржиме уште еден тренинг и попладнево заминуваме за Бургас. Мал хендикеп за нас е тоа што не сме доволно воиграни со новите странски засилувања, чии трансфери малку се одолговлекоа. Сепак, сметам дека имаме респектабилен тим кој може да игра против секого на овој квалификациски турнир во Бугарија. Нормално, домаќинот Нефтохимик останува главен фаворит за првото место, додека ние заедно со Капошвар и Будва ќе се бориме за таа втора позиција која води во следната рунда од Лигата на шампионите. Момците се подготвени и тоа што многу ме радува се многу мотивирани да го покажат најдоброто од себе. Со таков пристап може да сметаме на борба рамо до рамо и со Капошвар и со Будва“, смета Ричлиев.

На отворањето на квалификацискиот турнир в петок од 20 часот Струмица ќе се сретне со екипата на Нефтохимик, кој е прв фаворит на турнирот. В сабота од 17.30 часот нашиот шампион ќе игра со црногорска Будва, а во последното коло в недела во 17.30 часот се среќава со Капошвар.

ПретходноИзов одбра за дуелите со Косово
СледноЛазаров го објави списокот на ракометари за пријателските со Грција