Пелистер на домашен терен беше совладан од Кјелце со 21-24 (8-14) во рамките на шестото коло во Лигата на шампиони. Македонскиот првак иако одигра слабо прво полувреме, сепак во вториот дел успеа да се изгидне и да му се закани на противникот, за жал таа игра не ја круниса барем со бод. Па, битолчани го запишаа шестиот пораз во европската елита.
На овој меч покрај клупата беше Бранко Ангеловски, кој беше ставен како привремено решение по разделбата со Александар Јовиќ и Звонко Шундовски.
„Сакам да им се заблагодарам на сите во Пелистер, пред се на довчерашните тренери Јовиќ и Шундовски кои оставија длабока трага во клубот. Не беше лесно да се игра против европскиот вицешампион, тој респект што го имавме на почетокот негативно се одрази на нас. Тоа се гледа по почетниот резултат, 2-9 по што се обидував само да не доживееме катастрофа.
Во секој случај, ракометарите заслужуваат респект за вербата која ја имаат во себе дека имаат квалитет, но за нешто повеќе ни треба уште многу работа. На следните натпревари, Пелистер мора да биде подобар. Во соблекувалната им реков на ракометарите дека можеме да бидеме задоволни, но никако среќни. Не можеме да сме среќни кога губиме“, изјави Ангеловски.