Вториот тенисер во светот Карлос Алкараз ќе учествува на турнирите на крајот од АТП сезоната во Париз и на завршниот Мастерс во Торино.
Проблемите со левото стапало и глутеалните мускули го принудија Алкараз да се повлече од турнирот во Базел и го започна процесот на опоравување. Веста за враќањето на терените Карлос ја објави на социјалните мрежи.
“Имам добри вести! Секој ден се чувствувам подобро, па ќе играм во Париз и ќе одам на АТП финалето во Торино. Мило ми е што годината ја завршувам со турнири на високо ниво”, напиша Алкараз.
Мастерсот во Париз ќе се одржи од 30 октомври до 5 ноември, а завршниот турнир е од 12 до 19 ноември.
Алкараз за првпат во кариерата ќе учествува во финалето на АТП, за кое се пласираше и лани, но поради повреда не можеше да истрча на теренот.