Струмица против Нефтохимик Бургас вечерва стартува во ЦЕВ Лигата на шампионите

101

Со натпреварот против домаќинот на првиот турнир од првото квалификациско коло во ЦЕВ Лигата на шампионите, Нефтохимик Бургас, одбојкарите на Струмица вечерва ги почнуваат настапите во најсилното клупско натпреварување. Втора година по ред нашиот првак се пријави за учество во европската одбојкарска елита, па откако минатата година за малку не успеа да ја мине првата фаза во нокаут-средбите, оваа ќе има шанса да одигра најмалку уште еден меч плус и да се обиде да се пробие на едно од првите две места на табелата во Бургас кои водат во следната квалификациска рунда.

Првиот противник на струмичани е тим кој ја задржува улогата на прв фаворит на турнирот. Бугарскиот шампион Нефтохимик не крие дека со големи амбиции влегува во натпреварувањето и посакува сигурен пласман во следната фаза. Мечот во салата „Младост“ во Бургас се игра вечерва од 19 часот по македонско време и ќе биде силен тест за подновениот состав на тренерот Кире Ричлиев.

„Мал хендикеп за нас е тоа што не сме доволно воиграни со новите странски засилувања, чии трансфери малку се одолговлекоа. Сепак, сметам дека имаме респектабилен тим кој може да игра против секого на овој квалификациски турнир во Бугарија“, истакна Ричиев пред заминувањето за Бугарија.

Слична, по се изгледа, е и ситуацијата кај вечерашниот прв ривал. Вториот тренер на Нефтохимик, Иван Станев, за тамошните медиуми потенцираше дека и неговиот тим работеше со комплетниот ростер од 14 одбојкари само во последните седум дена.

„Оваа недела за првпат се собравме 14 луѓе на тренинг. Досега поради повреди, болести или обврски со националните тимови некој постојано отсуствуваше. Се надевам дека добро ги скаутиравме противниците – никој во ниту еден момент не треба да се потцени. Но оваа шанса не се пропушта и мора да ја искористиме“, изјавил Станев.

Вечерва се очекува полна сала и голема поддршка за домашниот тим, но Струмица најави дека е подготвена да се бори за секој поен и да ја чека својата шанса. Судии на средбата ќе бидат Висан од Романија и Муха од Хрватска.

ЦЕВ ЛИГА НА ШАМПИОНИ – КВАЛИФИКАЦИИ

ТУРНИР „1“ – Бургас, Бугарија

1 КОЛО (ДЕНЕСКА)

16.30 Будва – Фино Капошвар

19.00 Нефтохимик – Струмица

2 КОЛО (САБОТА)

16.30 Будва – Струмица

19.00 Нефтохимик – Фино Капошвар

3 КОЛО (НЕДЕЛА)

16.30 Струмица – Фино Капошвар

19.00 Нефтохимик – Будва

ПретходноИако требаше да дојде на лето: Барселона во јануари ќе го донесе бразилскиот бисер
СледноЖенската селекција на Македонија денеска на мегдан со Косово!