Ивановски со победа ги почна квалификациите во Бергамо

251

Македонскиот тенисер Калин Ивановски со победа ги стартуваше квалификациите на Челинџер 75 турнирот што се игра во Бергамо (тврда подлога, сала) за награден фонд од 73.000 евра. Тој во првото коло од квалификациите го победи Италијанецот Алесио Балестиери со 2-0 во сетови (6-2, 6-1) за 48 минути игра.

Македонскиот тенисер ја потврди фаворитската улога против 16-годишниот ривал успевајќи да „запише“ 10 ас сервиси, а притоа направи и пет брејка во двата сета. Противникот водство имаше само од 1:0 во секој од сетовите. Во првиот сет Ивановски брејк направи во третиот и петиот гем за водство до 4:1, за потоа да води и со 5:1 и сетот да го заврши со 6:2. Во овој сет Балестиери спаси две брејк топки, додека во вториот сет спаси четири брејк топки. Во вториот сет Ивановски имаше три брејка во третиот, петтиот и седмиот гем и сетот го доби со 6:1 искористувајќи ја првата меч топка.

Утре во финалното коло од квалификациите Калин Ивановски ќе игра против искусниот тенисер 35-годишниот Михаил Кукушкин од Казакстан, кој денеска го победи Италијанецот Федерико Арнаболди со 2-0 во сетови (63 62). Кукушкин има 35 години и се наоѓа на 211 место, а најдобриот ранг го имал -39.место во февруари 2019 година.

ПретходноТрапановски пред дуелот со Работнички: Овој меч за Шкупи е многу важен!
СледноБелингем ја сруши Барса, па му се поклони на Модриќ: Легенда!