Македонскиот шампион Струмица, откако го освои четвртото место во првата квалификациска група во Лигата на шампионите, следниот месец ја продолжува европската одисеја со настап во Купот на ЦЕВ. Според ждрепката, следниот европски предизвик за освојувачот на двојната круна и единствен македонски евро-преставник ќе биде германскиот клуб СВД Дирен. За разлика од Лигата на шампионите, сега Струмица ја очекува нокаут-дуел во два меча (дома-гости).
Станува збор за клуб кој минатата сезона стигна до полуфиналето на плеј-офот во Бундеслигата каде беше поразен од актуелниот шампион БР Берлин Волеј. И оваа година СВД Дирен има исклучително респектабилен состав кој е практично цела „Легија на странци“.
Имено, германскиот противник на Струмица во својот ростер оваа сезона има само тројца Германци, додека сите останати одбојкари се странци. Меѓу најзвучните имиња е коректорот на грчката репрезентација, Димитрис Мухлиас, кој летово со селекцијата на Грција беше и во Скопје и практично сам не победи на дуелот на Меморијалот „Чајка“ реализирајќи 20 поени.
Првиот меч со СВД Дирен, Струмица ќе го одигра на домашен терен од 21 до 23 ноември, додека реваншот ќе биде во Германија седум дена подоцна.