Македонската ракометна репрезентација после долго време по обезбедниот пласман на Европското првенство 2024 година, повторно се собира. Причината е ЕХФ неделата во која ќе одигра два пријателски натпревари, двата во Солун против селекцијата на Грција (3. и 4. ноември).
Предводникот на нашиот национален тим, Кирил Лазаров повика 22 ракометари, а во својот список додаде осум резерви.
И на овој собир, „проблемот“ е сличен. Немаме многу ракометари кои играат надвор или пак добиваат добиваат голема шанса во своите (домашните) клубови, особено оние кои играат во ЕХФ клупските натпреварувања.
Од нашите “странци“, тука се стандардните Никола Митревски, кој е во одлична форма, Филип Кузмановски и Филип Талески, како и новитетот Никола Костески, кој игра добро во дресот на Плезњ.
Во Пелистер, кој и натаму е без победа во Лигата на шампионите, се негува трендот на странските пред дел од македонските ракометари. Често зад имињата на нашите репрезентативците има запирка. Видовме меч на кој Ненад Костески беше заборавен на клупата на сметка на странско име кое не придонесе ништо на теренот, одамна заледен е Емилијан Ѓорговски, а повеќе нема место ниту за Марко Кизиќ. Танкоски кој не е на списокот на Лазаров одамна е заборавен, неговите минути се реткост во ЛШ.
Дел од играчите на кои мора да се потпре Лазаров играат само во домашниот шампионат, па оттука е тешко да се очекува премногу особено на Европското првенство 2024 година, каде Македонија ќе се соочи со една Франција, Германија, па и Швајцарија.
Кога сме кај новитетите на пивотменската позиција ќе биде и Милан Лазаревски, кој на стартот на сезоната блеска во дресот на Вардар.
Единствени кои во овој момент собираат европско искуство се ракометарите на Алкалоид, сите имаат добро распределена минутажа, која подоцна ќе биде од големо богатство за Македонија.
Лазаров ќе мора максимално да ги искористи овие денови, полека да ја гради тактиката за новото големо натпреварување кое не очекува за два месеци. Грција ќе биде вистински тест за можностите на оваа нова Македонија.