Македонскиот одбојкарски шампион Струмица не ја прифати понудата на германскиот бундеслигат СВД Дирен и двата меча од 2. квалификациско коло на ЦЕВ Купот да ги одигра на гости. По последните разговори меѓу двата клуба, останува на првичната одлука на ЦЕВ дуелите да се играат во одредените термини.
Тоа значи дека Струмица ќе биде домаќин на првата средба со силниот германски ривал на 23 ноември во салата „Парк“, додека реванш средбата ќе се одигра на гости во Дирен една недела подоцна (30 ноември).
Добрата вест за навивачите на Струмица е фактот што за овој двомеч со силниот германски ривал, нашиот првак во своите редови сигурно ќе може да смета и на трите интернационални засилувања, кои поради проблеми со регистрацијата не настапија на минатонеделниот турнир во Бургас во рамките на 1. квалификациско коло од Лигата на шампионите.