Спортспорт во Солун, Марија Ковачева
Македонската ракометна репрезентација успеа да извлече реми против Грција (29-29) на првата пријателска средба. „Црвено-жолтите“ имаа водство до 44. минута, по што мечот се промени. Судиите имаа голем удел, буквално го буткаа домашниот тим кон победа, судеа во корист на Грција. Сепак во драматична завршница Ненад Костески погоди за реми.
Кирил Лазаров оваа средба ја искористи за максимално, резултатот беше речиси во втор план, салаше да ги проба сите оние кои се најдоа на списокот за двомечот со Грција.
Ракометарите серија од 0-3 го отворија мечот. Пешевски погоди за 0-1, Митревски ја запиша првата одбрана, а веќе во следните два напади реализираа Костески и Кузманоски за 0-3. Првиот првиот гол Грција го постигна после шест минути игра (1-3), во 10. минута беше 4-5. Одличниот Џонов со вториот погодок и со асистенција до Пешевски, заедно зголемија на нови плус три (4-7) во 12. минута.
Македонија ја користеше својата доминација во однос на противникот, добрата одбрана беше причина за ново поголемо водство, во 19. минута на семафорот стоеше 6-11, а истите ги постави Атанасијевиќ.
Грција не искористи напад да се доближи на еден гол негатива. Митревски го подигна тимот, а Јагуриноски и Кузмановски ја вратија предноста од три гола (11-14). Кузмановски на минута и пол до одморот не успеа да реализира од седум метри, не реализираа ниту Грција. Јагуриноски го постави резултатот на одморот (12-15).
Кузмановски и Талески со два гола набрзина зголемија на 12-17 во 32 минута. Грција врати на ист начин, дојде на 15-17. Никола Костески со својот прв погодок го прекина налетот на противникот 15-18. Домашниот тим се разигра, па на теренот битката за разгори, но не доволно за да се загрози предноста на македонската репрезентација.
Во 40. минута на голот застана Томовски на местото на Митревски. „Црвено-жолтите“ одржуваа водство од три гола (16-19, 17-20 и 18-21) се до 44. минута кога Грција по една наша загубена топка погоди на празен гол за 20-21, а потоа по серија промашување на двете страни, израмни на 21-21.
Јагуриноски успеа на момент да го прекине налетот на противникот (21-22). Грција се најде во ситуација да дојде до водство, но Томовски одбрани, а Пешевски врати за 22-23.
Пред стартот на последните десет минути (23-24), Јагуриноски го заработи третото исклучување и автоматски мораше да се пресели на трибините, Македонија остана со играч помалку. Овој момент го искористи Грција, со три гола во низа во 52 минута го запиша првото водство на мечот (26-24). Велковски со два гола во низа израмни на 26-26 во 54 минута.
Судиите секако беа наклонети кон својата репрезентација, му дозволуваа се на домаќинот. Не искористивме напад за израмнување, па противникот зголеми на 28-26 на три минути до крајот кога Лазаров доби две минути. Пешевски намали на 28-27, но Грција веќе го имаше ритамот и времето во своја корист (29-27). По погодокот на Кузмановски за 29-28 останаа 30 секунди за домаќинот, кој не се снајде најдобро, а Ненад Костески погоди за реми 29-29.
Македонија и Грција утре во ист термин од 17:30 часот ќе го одиграат вториот пријателски меч.
ГРЦИЈА – МАКЕДОНИЈА (12-15) МАКЕДОНИЈА: Томовски (1 одб), Митревски (8 одб +1 сед), Пешевски 5, Ненад Костески 1, Никола Костески 3, Ц. Кузманоски 2, Џонов 2, Талески 3, Велковски 2, Атанасијевиќ 1, Јагуриновски 3, Маркоски 2, Серафимов, Кузмановски 5, Ѓоргиев, Лазаревски.