Костески по голот за реми: Имаме одлична атмосфера, навистина сме добра репрезентација!

931

Спортспорт во Солун, Марија Ковачева

Ненад Костески во последните секунди против Грција успеа да ја затресе мрежата на противникот и да се избори за реми (29-29). Ракометарот на Пелистер уште еднаш ги покажа своите квалитети, ладнокрвно ја смести топката во голот на Грција и не дозволи поинакво сценарио кое дефинитивно немаше да биде реално според случувањата на теренот.

„На крајот на мечот успеавме да реализираме важен гол. Навистина не заслуживме да го загубиме овој меч, бидејќи 45 минути игравме добро. Примивме брзи голови на празен гол, на наши технички грешки успеавме да ги вратиме Грците во игра“, ни изјави Ненад Костески по мечот.

Можеби вербата кај македонската јавност за оваа генерација не толку голема, но најважно е дека тие што треба, тие веруваат во себе и своите можности, а тоа се ракометарите. Репрезентативецот е сигурен дека утре ќе одиграат уште подобро и ќе дојдат до победата која дефинитивно ја заслужуваат.

„Имаме одлична атмосфера, навистина сме добра репрезентација. Задоволни сме од она што го работиме, напредуваме од ден во ден. Се надевам дека ќе извлечеме поука од сето ова и веќе утре нема да ги повториме истите грешки, и ќе извојуваме победа за крајот на оваа ЕХФ недела.

Тој, исто како неговиот брат, Никола, се радува што после толку долго време заедно го носат националниот дрес.

„Чувството да играш со својот брат е прекрасно, ни се оствари желбата. Играме на иста позиција, постојано си даваме поддршка, си делиме совети и среќен сум што тоа е така. На крајот не е важно кој и колку ќе игра, важено е Македонија да победува“. 

ПретходноТен Хаг: Манчестер Ј. не може да игра како Ајакс
СледноИграа лотарија за дресовите на Севиља, најпосакуван бил дресот на Рамос