Лазаров: Мора сите заедно да го сочуваме брендот, во спротивно и да дојде Жељко Обрадовиќ – џабе ќе биде!

6684

Спортспорт во Солун, Марија Ковачева

Македонската ракометна репрезентација одигра реми (29-29) против Грција на првиот пријателски натпревар во Солун. Кирил Лазаров и неговите момци имаа добри 45. минути, имаа и водство од пет гола во првото полувреме, но со помош на судиите, домашната селекција успеа да се врати на мечот и да поведе со два гола. Нападот за победа на противникот, нашите момци го претворија во реми.

„Во принцип сум задоволен од она што го сработевме на тренинзите во последните денови и од прикажаното на овој натпревар. Јас очекував тежок натпревар бидејќи во Грција во последните години загуби Холандија, тука се мачеше и Хрватска, со нивни судии. Ме радува што не загубивме, што покажавме карактер. Водевме и пет, губевме два, но покажавме дека имаме глава и психолошка сила да се вратиме. Ни фали натпреварувачки ритам, како млада репрезентација ни недостигаат повеќе средби и тоа со силни противници, за да ја видиме вистинската слика. Грција во ниту еден случај не е наивен противник, тие имаат човек од Француската Ракометна Федерација кој е тука како советник, работи со нивните тренери и со младинските категории, напредокот од таквата фокусирана работа е евидентен во грчкиот ракомет. Сите напредуваат, сите играат ракомет, јас начелно сум задоволен, секако дека жалам што не победивме, да бевме само малку поподготвени во секој поглед можевме и да славиме“, ни изјави Лазаров.

Она што го радува нашиот селектор е атмосферата во националниот тим. Тој апелира дека мора да се сочува брендот што го имаме како ракометна нација. Ако успееме во тоа, Македонија може да оди напред, во спротивно и да дојде Жељко Обрадовиќ ќе биде бадијала.

„Ме радува атмосферата во репрезентацијата, мислам дека треба сите да придонесеме да имаме добра атмосфера, тоа е најважно. Грешки правиме сите, и јас и играчите и јавноста, но Македонија е една, тоа што го имаме како бренд треба да го зачуваме. Ако го разбереме на таков начин ќе одиме напред, во спротивно може да дојде и Жељко Обрадовиќ и џабе ќе ни биде се и ќе го испратиме како што го испративме Тута Живковиќ, најдобриот во свет во 2006 година. Јас сум селектор и ја кажувам насоката, ја имаме стратегијата, но играчите се тие… сите напорно работиме за да го извлечеме максимумот и да одиме напред. Како што реков, задоволен сум од залагањето, од пристапот и од покажаниот карактер“. 

Македонија и Грција утре ја играат и втората пријателска средба, исто со почеток од 17:30 часот по македонско време.

ПретходноПрв пораз за шампионот: Драма со среќен крај за кошаркарките на Вардар
СледноТен Хаг: Манчестер Ј. не може да игра како Ајакс